Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер се пласира во полуфиналето на Мастерс – турнирот во Мајами, совладувајќи го во неверојатно драматичен меч Томаш Бердих со 2-1 во сетови. Во третиот сет се играше тај-брејк, Федерер спаси две меч – топки и на крајот го доби на поени со 8-6.
Првиот сет не навестуваше таков развој на настаните. Федерер беше во елемент, а Бердих направи многу грешки, па Швајцарецот го освои лесно во 6-2 во гемови. Но, потоа Бердих заигра многу подобро, Федерер го намали интензитетот и вториот сет со 6-3 му припадна на чешкиот тенисер.
Драмата се случуваше во третиот сет. Федерер имаше водство од 5-2 во гемови, а Бердих успеа да спаси меч – топка и да израмни на 5-5 во гемови. Сетот отиде во тај-брејк, во кој возбудата го достигна максималното ниво. Бердих имаше предност од 6-4 во поени и сервис, но Федерер се извлече. При водство на Швајцарецот од 7-6, Бердих направи двојна сервис грешка и го загуби мечот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА