Роџер Федерер е големиот победник на денешното доделување на „Лауреус“ спортските награди, од кои швајцарскиот ас си заминува со две статуетки, за најдобар машки спортист и за спортски камбек на годината. Најдобриот тенисер на сите времиња при добивањето на „главната награда“ истата му ја посвети на својот најголем ривал во кариерата, Рафаел Надал, кој исто така беше влезен во финалниот избор за најдобар машки спортист во 2017 година.
„Благодарност до сите за оваа награда, која искрено многу ми значи. Сакам да му ја посветам на Рафаел Надал, извонреден тенисер и голем пријател. Воопшто немаше да биде незаслужено ако тој беше вечерва овде наместо мене“ – изјави Федерер, потсетувајќи дека Надал ја завршил 2017 година на врвот на АТП-листата.
Со двете денешни признанија Федерер стигна до шест „Лауреус“ статуетки, со што е најтрофеен спортист во историјата на овие награди. Зад него со пет се наоѓа Серена Вилијамс, која денеска беше избрана за најдобра спортистка.
Ф-1 тимот на Мерцедес ја доби наградата за најдобар тим, пред Реал Мадрид и Голден стејт вориорс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА