Федерер ќе игра во Ротердам, за прво место на АТП-листата

Роџер Федерер е на чекор до искачување на врвот на АТП-листата, откако Швајцарецот ја прифати поканата со вајлд-карта да учествува на претстојниот турнир во Ротердам, што ќе се игра следната седмица во овој холандски град.

Во ситуација кога Надал е само 155 бодови пред него, а Федерер не брани бодови од ланската година, јасно е зошто големиот ас ја прифати поканата на организаторот, се со цел веќе на АТП-листата на 19 февруари да се искачи на врвот. За тоа да се случи на Федерер не му е неопходен трофеј, туку само пласман во полуфиналето во Ротердам, што би му донело 180 бода и минување на Надал на листата на најдобри светски тенисери.

Со тоа, швајцарскиот великан би се вратил на врвот на АТП-листата за првпат по 29 октомври 2012 година, откако веќе мина 302 седмици како прворангиран светски тенисер. Воедно, тој ќе го урне рекордот на Андре Агаси како највозрасен „број еден“ во светот на тенисот, остварувајќи го тоа на 36 години и шест месеци, наспроти 33 години на американската тениска легенда.

Се вчитува...