Роџер Федерер и на залезот на својата кариера се уште е максимално мотивиран да напредува, за да може да ги победува помладите тенисери кои на него гледаат како на легенда на овој спорт.
„Сакам да тренирам, бидејќи тоа ме прави подобар. Ако не се чувствував така мотивирано, веќе ќе престанев да играм тенис. Мислам дека тоа е убавото во овој спорт, секогаш можеш да најдеш нешто што можеш да го правиш подобро, па да земеш и да тренираш напорно на него, дали е тоа сервисот, волеј ударите или нешто сосема трето. Топчето секогаш ти доаѓа од некоја поразлична ситуација од претходната и мораш да си подготвен да го вратиш, за сето тоа е подготвен напорен тренинг. Тоа е она што мене ме тера да продолжам да тренирам и да бидам максимално подготвен за секој нареден меч“ – изјави Федерер.
Тој испрати и јасна порака до помладите тенисери, да се фокусираат на играта и на бркањето на своите соништа, а не на финансискиот аспект од спортот.
„Јас никогаш не сонував да станам милионер, желба од самиот почеток ми беше еден ден да заиграм на Вимблдон. Нормално дека сите пари што ги заработев низ годините ми помагаат да живеам убав живот, нема зошто да го кријам тоа, но мислам дека најважно од се е да ги следиш своите соништа, бидејќи ако успееш во нив ќе добиеш и финансиски бенефит. Никогаш не ми било важно дали во годината ќе добијам вкупно четири, пет или десет милиони евра, сакам само да сум здрав и да играм тенис најдобро што знам, се останато потоа ќе си дојде на свое место“ – вели тенискиот великан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА