Роџер Федерер не го криеше воодушевувањето по најновата титула откако во големото финале во Мајами го совлада Рафаел Надал со 2-0 во сетови. Швајцарецот продолжува со импресивните настапи во 2017 година во која досега освои еден гранслем и два Мастерс турнир, но воедно и најави дека во следниот период нема да го гледаме на терените бидејќи му е неопходен одмор за целосна рекуперација.
„Мојот сон продолжува, секако дека сум пресреќен и благодарен сум им на сите кои ми даваат поддршка. Мило ми е што ова финале го играв против Надал, нашата приказна почна тука и прекрасно беше да се игра уште еден фантастичен дуел со Раф. Тој не треба да биде разочаран, допрва следат турнирите на земја на кои не се сомневам дека ќе освои многу трофеи. Што се однесува до мене, јас сум преморен и ми треба време за одмор. Најверојатно нема да играм на ниту еден турнир на земјена подлога освен на Ролан Гарос, но засега не би можел да кажам ништо дефинитивно на оваа тема“ – истакна Федерер по освоениот трофеј во Мајами.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА