Федерер: Му се воодушевувам на Ѓоковиќ за една работа…

Роџер Федерер во интервју за ББЦ говореше на најразлични теми, откривајќи и на што најмногу му се воодушевува на Новак Ѓоковиќ. Според швајцарската тениска легенда, Ѓоковиќ е единствен по начинот на кој наоѓа сила од притисокот од трибините, па свирежите ги користи како мотивација за да заигра уште подобро.

„Кога публиката е со вас секогаш е одлично. Кога е против вас, не ви е сеедно, но може да ви даде одлична мотивација. Новак Ѓоковиќ е неверојатен во тоа, најдобро од сите останати знае како да се однесува во такви ситуации, да најде сила да одигра уште подобро. Секогаш сум му се воодушевувал поради тоа. Јас не бев често во такви ситуации, сите да бидат против мене. Можеби беше така на почетокот, кога играв против Андре Агаси, а публиката не сакаше „новото момче“ да победи“, изјави Федерер.

Швајцарецот не го крие воодушевувањето на своите долгогодишни ривали, Ѓоковиќ и Надал, за кои има највисоко можно мислење.

„Ако имам една тениска желба во моментов, тоа е Ѓоковиќ и Надал да продолжат да играат засекогаш, за јас како навивач да можам да уживам во нивните мечеви. Почнав да заборавам дека и јас го правев истото допред некоја година. Тоа беше величествен живот, но сега е минато. Знам дека и на нив им се ближи крајот, затоа сакам да уживам во мечевите на Новак и на Рафа додека е тоа возможно“, истакна Роџер Федерер.

Се вчитува...