По освојувањето на Австралија опен и пласманот во финалето на турнирот во Индијан Велс, враќањето на првото место на АТП листата станува возможна мисија за Роџер Федерер. Најтрофејниот тенисер истакнува дека тоа ќе биде многу тешко, но дека тоа е негова голема желба.
„Бидејќи не играм толку многу, веројатно ќе ми биде потребен уште еден гранслем за да се вратам на првото место. Веќе освоив еден сезонава, што значи дека постои можност, а и повторно играм добро и на другите турнири, не само на некој од големата четворка. Сепак, гранслем турнирите носат голем број бодови и на нив можам најмногу да напредувам“ – вели Федерер.
Швајцарскиот тенисер вели дека не сака да размислува многу за пласманот, доколку тоа не е првата позиција.
„Еден сигурно нема да биде доволен, бидејќи и другите тенисери ќе го подигнат нивото на игра. Повторно ќе освојуваат турнири. Тоа што јас сум во финалето на Индијан Велс, а Енди Мареј не игра во Мајами, додека настапот на Ѓоковиќ е неизвесен, не менува ништо во распоредот на турнирот. Би сакал повторно да бидам број еден, се друго освен тоа не ме интересира многу. Затоа пласманот не ми претставува приоритет во овој момент. Важно ми е да бидам здрав, да уживам во турнирите на кои играм и кои се обидувам да ги освојам“ – додава Роџер Федерер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА