Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер се пласираше во четвртфиналето на Мастерсот во Шангај, откако во осминафиналната фаза во тежок меч го совлада Белгиецот Давид Гофан со 2-0, по сетови (7-6 и 6-4).
Гофан својата шанса во мечот ја пропушти во првиот сет кога при водство од 6-5 на свој сервис не успеа да искористи три сет топки, а искусниот Швајцарец успеа сетот да го одведе во тај-брејк во кој Белгиецот не успеа да искористи уште две сет топки, по кои беше казнет од Федерер кој ја освои 13. игра со 7-9. Во вториот сет популарниот Федекс успеа да направи брејк во седмиот гејм, што беше доволно за конечна победа. Во четвртфиналето тој ќе се сретне со подобриот од мечот меѓу Германецот Александар Зверев и Русинот Андреј Рубљов.
Претходно денеска меѓу осумте најдобри се пласираше и првиот рекет Новак Ѓоковиќ кој беше подобар од Американецот Џон Иснер со 2-0 по сетови (7-5 и 6-3). Во следната фаза ќе игра против Стефанос Циципас од Грција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА