Роџер Федерер е подготвен за предизвикот што го носи новата сезона, вкупно 22. во неверојатната кариера на швајцарскиот тениски великан. Тој првиот настап ќе го има на Хопман купот во Перт, каде ќе ја претставува Швајцарија во тандем со Белинда Бенчиќ, како што тоа беше случај и минатата година.
„Перт е одлично место за да се стартува сезонава. Се надевам на успех како и лани, со триумф да стартуваме во годината“ – истакнува Федерер.
Во претходните две години по добрите игри во Перт, Федерер неколку седмици подоцна стигнуваше и до пехарот на Австралија опен. Јасно е дека желбата за нови гранслем-трофеи е голема, но Федерер нема да е разочаран и доколку остане на бројката од 20 пехари од четирите најсилни турнири.
„Моја желба е да стигнам до нови победи, особено на силните турнири. Се надевам дека и оваа сезона ќе ми биде успешна како претходните две. Ќе сторам се што можам за да освојам уште некој гранслем турнир, но и доколку тоа не ми се случи нема премногу да се разочарувам бидејќи ми е јасно дека на оваа возраст станува се потешко да се стигне до врвен резултат. За нова гранслем титула ќе ми биде потребна и среќа, затоа се фокусирам само јас да играм најдобро што знам, па ќе видиме какви резултати ќе остварам“ – порачува Роџер Федерер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА