Првиот комплетиран 16/финален двомеч од Лигата на Шампионите донесе и големо изненадување, откако Феенорд го елиминираше Милан по ремито од 1-1 на вечерашниот реванш на „Сан Сиро“. Холандскиот гигант имаше минимални 1-0 од првиот меч во Ротердам, па со вечерашното реми стигна во осминафиналето од елитното европско натпреварување.
Главен виновник за елиминацијата на „росонерите“ без конкуренција е Тео Хернандез, по наивниот црвен картон што францускиот репрезентативец го доби во второто полувреме. Милан имаше предност од 1-0 со голот на Хименез во 1. минута, домаќините имаа и целосна контрола над играта, создаваа бројни шанси, но се се промени откако Хернандез се обиде да изглуми пенал, доби втор жолт картон и заслужено беше исклучен.
Феенорд се ослободи од притисокот, со играч повеќе се почесто се селеше во противничкиот шеснаесетник, за на крајот да успее и да стигне до израмнувачки погодок, преку Каранза во 73. минута.
Милан се обиде да стори нешто повеќе, но со играч помалку на теренот „росонерите“ не можеа да наметнат иницијатива и на крајот неславно го завршија настапот во Лигата на Шампионите оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

