Жозе Мурињо има причина за загриженост откако по Пол Погба, остана без уште еден значаен фудбалер за врска на Манчестер јунајтед. Станува збор за Маруан Фелаини, кој заработи повреда на коленото за време на денешниот квалификациски дуел меѓу БиХ и Белгија.
„Сите сме загрижени за Фелаини. Стравуваме дека се оштетени лигаментите на коленото, болката кај него беше огромна“ – изјави белгискиот селектор Роберто Мартинез по мечот во Сараево.
Иако не е омилен кај навивачите, Фелаини со својата борбеност важеше за значаен адут на Жозе Мурињо, кој му даваше поголема минутажа на Белгиецот по повредата на Пол Погба. Во текот на утрешниот ден би требало да има повеќе информации околу должината на паузата на овој фудбалер од терените, но јасно е дека тој сигурно ќе го пропушти дерби дуелот со Ливерпул закажан за следната сабота на „Енфилд роуд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА