Во таборот на Фенербахче максимално сериозно сметаат на Елиф Елмас за претстојната натпреварувачка сезона, па раководството на турскиот гигант подготвува и барање што ќе биде испратено до ФИФА за младиот Македонец да може уште во текот на летово да биде регистриран од страна на „сино-жолтите“. Елмас потпиша петгодишен договор со Фенербахче, но согласно правилата младите фудбалери не можат да бидат регистрирани во странски земји се додека не станат полнолетни.
Ова е сериозен проблем во случајот на Елмас и Фенербахче, бидејќи преодниот рок во Турција завршува на 8 септември, додека македонскиот интернационалец својот 18. роденден ќе го прослави на 27 септември. Ова практично значи дека турскиот гигант за неполни 20 дена нема да може да го регистрира Елиф за свој играч за новата сезона, па тоа ќе мора да го стори дури во јануари 2018 година. Со цел час поскоро да добие зелено светло, раководството на Фенербахче веќе подготвува и барање за специјална дозвола што би ја добил од ФИФА, за Елмас да биде регистриран порано од предвиденото и веднаш да му се стави на располагање на тренерот Ајкут Кочаман.
Како „план Б“ од претходно се споменуваше дека „Фенер“ би можел да го врати Елмас на четиримесечна позајмица во Работнички, но според турските медиуми многу пореално е тој да остане во Истанбул, да тренира со првиот тим, а да настапува за младинската екипа, со што Кочаман и стручниот штаб ќе го следат неговиот развој и ќе го подготвуваат за приклучување кон првиот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА