Фенер го отпушти Мурињо, па го доведе играчот што го исфрли од ЛШ

Фенербахче мина повеќе од еден месец во интензивни преговори за Керем Актуркоглу од Бенфика, Жозе Мурињо инсистираше на доаѓањето на турскиот репрезентативец, разговорите се одолговлекоа, а судбината сакаше токму Актуркоглу да го постигне победничкиот гол за Бенфика со кој Фенербахче беше исфрлен од Лигата на Шампионите.

Само два дена по тој драматичен дуел во Лисабон, турскиот гигант утрово објави дека му е врачен отказ на Мурињо како тренер, за попладнево да го договори целосно трансферот на Актуркоглу.

Двата клуба потврдија дека е постигнат договор за Актуркоглу да се врати во татковината за сума од 22,5 милиони евра, плус 2,5 милиони евра преку неколку клаузули. Ова е одличен профит за Бенфика откако минатото лето го доведе Турчинот за 12 милиони евра.

Според ланскиот договор, Галатасарај има право на прв трансфер доколку ја израмни понудата на Фенербахче, но актуелниот турски првак веќе доволно се засили и нема да ја активира таа клаузула.

Се вчитува...