Фенербахче триумфираше над Олимпијакос со 82-71 во дерби-дуелот од првото коло во Евролигата во кој турскиот гигант успеа да ги искористи низата слабости во играта на грчкиот гигант. „Црвено-белите“ од Атина сериозно се засилија во текот на летово, доведувајќи две европски ѕвезди од НБА-лигата, Везенков и Фурние, но избраниците на Барцокас сепак не успеаја триумфално да ја почнат оваа сезона.
Фенер одигра одлична прва четвртина поведувајќи со 17-13, а гостите од Атина беа подобри само во вториот период што го добија со 15-23. Остатокот од мечот мина во знакот на избраниците на Јасикевичиус, нападот на Фенербахче функционираше беспрекорно постигнувајќи 50 поени за 20 минути игра и заслужено тримфирајќи со конечни „плус единаесет“.
Болдвин со 19 поени и седум асистенции го предводеше турскиот тим во овој тримф, Хејс Дејвис постигна 15 поени, додека најефикасни кај Олимпијакос беа Рајт со 15 и Мекисик со 13 поени.
Црна дамка на триумфот на турскиот тим остави тешката повреда на поентерот Скоти Вилбекин, кој се пожали на болка во коленото по еден шут, по што огромни се шансите да станува збор за кинење на лигаментите и повеќемесечна пауза на овој одличен кошаркар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА