Фенербахче со победа од 68-65 над Барселона го заврши регуларниот дел од сезоната во Евролигата, резултат со кој екипата на нашиот Перо Антиќ конечно ја прекина серијата порази во елитното европско натпреварување. По трите неуспеси во низа, Фенер се соочи со опасност со евентуален пораз против Барселона да падне дури на седмото место во пресрет на плејофот. Тимот предводен од Жељко Обрадовиќ се наоѓаше близу до нов пораз, но со многу среќа стигна до продолжение, во кое благодарение на Богдан Богдановиќ забележа значајна победа.
Уште од самиот почеток на средбата стана јасно дека Фенербахче под притисок за важноста на натпреварот ќе има проблеми со играта во нападот. Отсуството на Диксон премногу се чувствуваше во играта на европскиот вицешампион, откако ниту Слукас ниту Богдановиќ не се снајдоа најдобро на плејмејкерската улога. Фенер постигна само 11 поени во првиот период (11-15), но благодарение на добрата одбрана одржуваше неизвесност во натпреварот. Тимот на Антиќ беше на работ на нов пораз откако Барса стигна до два поени предност и напад на 30 секунди до крајот, но топката му се лизна на Клавер при обидот за тројка, по што Турците со поените на Богдановиќ го одведоа мечот во продолжение (58-58).
Во дополнителните пет минути одговорноста врз себе ја презеде Богдан Богдановиќ, кој ги постигна првите седум поени за Фенер, за водство од 65-63. По новата загубена топка на Перпероглу (петта за грчкиот кошаркар) следеше лична грешка врз Слукас, по што плејмејкерот на Фенербахче ги реализираше двете слободни фрлања и го трасираше патот кон победата, изразен со конечни 68-65.
Перо Антиќ одигра неполни десет минути во кои реализираше три поени (сите од линијата за слободни фрлања) и три скока, а најефикасни кај Фенербахче беа Богдановиќ со 15 и Калиниќ со 13 постигнати поени.
Панатинаикос го осигура четвртото место и предноста на домашниот терен во четвртфиналето по убедливата победа на гостувањето против Макаби од 61-81. Израелскиот гигант по првото полувреме имаше предност од 42-32, но потоа во вториот дел следеше фуриозна игра на ПАО, грчките кошаркари ја добија третата четвртина со 12-31, а потоа во четвртата со извонредна игра во одбрана славеа со 7-18, за конечен триумф од 20 поени разлика.
Мајк Џејмс со 17 поени и седум асистенции беше прв играч на грчкиот клуб при вечерашната победа, заедно со Синглтон, кој реализираше 13 поени, осум скока и шест украдени топки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА