Фенербахче славеше над Олимпијакос со резултат 67-64 во дерби натпреварот од 23. коло во Евролигата, меч што го одбележа извонредниот пресврт на тимот на нашиот Перо Антиќ во последната четвртина. Олимпијакос го почна натпреварот со беспрекорен шут од далечина, што им овозможи на грчките кошаркари да поведат во раната фаза на мечот и тоа водство да го контролираат во поголемиот дел од средбата. „Црвено-белите“ имаа предност од 50-60 на осум и пол минути до крајот, но тогаш тимот на Жељко Обрадовиќ заигра фанатична одбрана за која гостинските кошаркари не најдоа лек.
Впрочем, најдобар доказ за тоа е дека Олимпијакос во овие осум и пол минути не погоди ниту еден единствен шут од поле, а четирите поени ги постигна од линијата за слободни фрлања, и тоа откако Фенербахче го комплетираше пресвртот.
Богдан Богдановиќ одигра фантастичен натпревар постигнувајќи 25 поени, а на посакуваното ниво беше и Датоме, кој го заврши мечот со 17 поени зад своето име. Перо Антиќ за 12 минути игра не постигна ниту еден поен против својот поранешен клуб, завршувајќи ја средбата со еден скок и една асистенција.
Во првиот натпревар од денешната програма ЦСКА Москва го совлада Макаби со убедливи 93-81. Актуелниот европски првак уште од самиот почеток наметна силно темпо, стигна до двоцифрена предност (26-14 на крајот од првата четвртина), по што ја одржуваше позитивата до самиот крај. Нандо де Коло беше главна фигура на овој натпревар со 29 поени, Теодосиќ постигна 11 поени и 8 асистенции, додека Кајл Хајнс оствари дабл-дабл од 14 поени и 10 скока.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА