Фенербахче е нов шампион во турската кошаркарска лига, откако во финалната серија со 3-1 славеше над големиот ривал и двократен актуелен европски шампион Анадолу Ефес.
Во четвртиот натпревар на гостински терен Фенербахче славеше со 80-92 и со тоа обезбеди нова титула во домашниот шампионат. Анадолу Ефес иако влезе како голем фаворит во финалето, избраниците на Атаман не можеа да направат ништо повеќе.
Гостите силно го отворија натпреварот и веќе по 10 минути игра имаа плус дванаесет (12-24). Домаќинтие заиграа подобро во вториот период и на полувреме заминаа со негатива од шест поени 35-41. Сепак, поголемата ротација во второто полувреме си го направи своето, па избраниците на Александар Ѓорѓевиќ го исконтролираа мечот до самиот крај и стигнаа до титулата.
Јан Весели со 18 и Нандо де Коло со 17 поени го предводеа Фенербахче до победата, додека кај поразените Плајс и Синглтон завршија со по 17 поени.
Ова за Фенербахче е 13. титула во домашниот шампионат и сега разликата со големиот ривал ја намалија на само два трофеја, откако Анадолу Ефес остана на досега освоените 15. Најтрофеен се уште е Галатасарај со 16 освоени титули.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

