Фенербахче и Монако сигурни во Евролигата на домашен терен

Фенербахче и Монако направија уште еден значаен чекор за што подобар пласман пред Топ 8 фазата во Евролигата, стигнувајќи до значајни победи на домашен терен против екипите на Жалгирис, односно Валенсија.

Фенербахче и без помошта на повредениот Вилбекин имаше контрола над резултатот во текот на целиот меч и на крајот заслужено славеше над Жалгирис со 87-79. Гудуриќ ја презеде лидерската улога на стартот со 11 поени во првата четвртина, во второто полувреме во ритам влегоа Мотли и Хејс Дејвис, па Жалгирис и покрај солидниот отпор не успеа да приреди изненадување во Истанбул. Хејс Дејвис ги предводеше стрелците со 19 поени, пред Дорси со 15 и Гудуриќ со 14 поени.

Монако повторно настапи без Мајк Џејмс, но „кнезовите“ стигнаа до нова домашна двоцифрена победа, овојпат над Валенсија со 90-79. Окобо беше прв стрелец на Монако со 15 поени, додека најефикасни кај гостите беа Џонс со 17 и Дубљевиќ, кој оствари дабл-дабл од 15 поени и 11 скокови.

Реал Мадрид предводен од одличниот Марио Хезоња славеше на гостувањето против Виртус Болоња од 79-96, триумф што беше најавен со одличната прва четвртина што „кралевите“ ја добија со 12-26. Хезоња погоди осум тројки за вкупно 26 поени на овој натпревар, Јабиселе постигна 24 за Реал, а најдобар поединец кај Болоња беше Ојелеје со 18 поени.

Се вчитува...