Елиф Елмас е на излезна врата од Лајпциг, а неговиот поранешен клуб Фенербахче тргна во офанзива за да го доведе македонскиот „дијамант“ во своите редови. За потстетување, Фенер е клубот во кој Елмас ја почна својата меѓународна кариера, како тинејџер потпишувајќи од Работнички за овој клуб, од каде потоа беше продаден во Наполи.
Елмас го врзуваат само позитивни спомени за гигантот од Истанбул, а раководството на клубот ја цени неговата лојалност и посветеност, па сега се обидува да го врати Елиф во своите редови. Информациите од Турција говорат дека Фенербахче веќе ја испратил и понудата до Лајпциг, за шестмесечна позајмица на Елмас, со можност за откуп на крајот од сезоната.
Германскиот клуб засега тактизира чекајќи да види дали ќе добие уште некоја официјална понуда за македонскиот репрезентативец, но јасно е дека Фенер е многу сериозен кандидат за потпис на Елмас. Впрочем, зелено светло за овој трансфер дал и Жозе Мурињо, па Елиф би можел да стане вториот македонски ас што заиграл под водство на „специјалниот стратег“, по Горан Пандев во Интер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА