Фенербахче ја забележа и третата победа во низа откако Шарунас Јасикевичиус седна на клупата на овој тим, прва на гостински терен откако турскиот гигант славеше над Алба со 82-91. Мора да се истакне дека атмосферата во арената во Берлин повеќе наликуваше како да се игра во Истанбул, Фенер имаше далеку погласна поддршка од домаќинот, а избраниците на Јасикевичиус знаеја како да го искористат тоа и да стигнат до победата.
Алба имаше по осум поени предност во првата и во втората четвртина, но Фенер се разбуди во вистински момент, на одмор замина со „плус четири“, а потоа дополнително ја зголеми разликата, лесно го контролираше резултатот и заслужено се радуваше на победата. Вилбекин беше најефикасен со 20 поени, пет помалку постигна центарот Папајанис, а извонреден беше и плејмејкерот Калатес, кој имаше четири поени, но и дури 13 асистенции надополнети со пет скока и две украдени топки.
Олимпијакос ја оправда фаворитската улога на гостувањето против Асвел, триумфирајќи со убедливи 73-85. Грчкиот гигант уште во првото полувреме стигна до двоцифрена предност (37-49) што избраниците на Барцокас рутински ја одржаа до самиот крај. Кенан со 19 и Питерс со 17 поени беа најефикасни во победничкиот тим, додека први стрелци на Асвел во новиот евролигашки пораз беа Ли и Лубабу Кабаро со по 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА