Еден од најголемите македонски таленти, Елиф Елмас со новата година очекува конечно можност и за настап во првиот тим на Фенербахче. Но, и пред официјалниот настап за турскиот тим, Елмас и натаму е „мета“ на добар дел клубови од најсилните европски лиги.
Како што пренесува турски „Милиет“, Фенербахче низ првите денови од новата година одбил понуда од француски Лион во висина од 10 милиони евра за трансфер на 18-годишниот Елмас. Челниците на Фенербахче потенцирале дека воопшто не планираат продажба на македонскиот репрезентативец…
„Фенербахче го доби Елмас како слободен фудбалер од Работнички. Но, јасно е дека нивната желба е да прерасне во врвен фудбалер од кој би заработиле во иднина многу повеќе од овие сега понудени 10 милиони евра“ – пишува „Милиет“.
Но, основната желба на Елмас е да добие соодветна минутажа во годината која претстои. Токму поради тоа опстојуваат и одредени размислувања за негова позајмица во клуб каде би играл постојано. Иако, и од Фенербахче потенцираат дека на македонскиот фудбалер сериозно се планира за настап во Првата лига на Турција и во нивниот тим сезонава.
Вториот дел од шампионатот во Турција почнува на 19. јануари. Фенербахче на 20. јануари го очекува пресметката со Гезтепе.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА