Фенербахче потврди: Филип Коку е нов тренер на Елмас

Филип Коку од денеска и официјално е нов предводник на тимот на Фенербахче, во чии редови настапува и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас. Холандскиот стратег потпиша тригодишен договор со турскиот гигант, заминувајќи од клупата на ПСВ Ајндховен, тим со кој освои неколку трофеи во изминатите сезони.

„Импресиониран сум од плановите на клубот. Фенербахче е институција, претседателот Коч и директорот Комоли ми презентираа визии кои се многу интересни. Чест ми е што доаѓам овде и ќе сторам се за да освојувам пехари и со Фенер“ – изјави Коку при потписот на договорот.

Останува да се види дали Елмас ќе добие поголема минутажа кај новиот стратег, откако тоа не беше случај кај Кочаман, кој не покажа доверба во македонскиот суперталент.

Во меѓувреме, ПСВ Ајндховен веднаш пронајде замена за Коку. Станува збор за Марк ван Бомел, поранешниот капитен на овој клуб, кој ќе пристигне во Ајндховен по завршувањето на СП 2018 бидејќи во моментов има ангажман како помошник на Берт ван Марвијк на клупата на Австралија.

Се вчитува...