Игор Кокошков повеќе не е тренер на Фенербахче откако српскиот стратег самиот решил да си замине од клупата на турскиот гигант и да се пресели во Далас Маверикс. Кокошков во Далас ќе ја има улогата на прв асистент на новиот тренер Џејсон Кид, а значаен фактор во оваа одлука беше и присуството на Лука Дончиќ, кој имаше беспрекорна соработка со овој стручњак додека Кокошков беше селектор на Словенија.
Фенербахче лани го доведе Кокошков како предводник на долгорочен проект по заминувањето на Жељко Обрадовиќ. Сепак, „сино-жолтите“ останаа во длабока сенка на извонредната сезона на Анадолу Ефес, Фенер и покрај се сакаше да го задржи Србинот, но неговата желба за враќање во НБА-лигата на крајот сепак се покажа пресудна.
Турскиот кошаркарски гигант и официјално ја потврди разделбата со Кокошков, објавувајќи дека била прифатена желбата на тренерот да се врати во НБА-лигата.
Главен фаворит за нов тренер на Фенербахче е поранешниот помошник на Жељко Обрадовиќ, Ердем Чан, а како опции се споменуваат и Александар Ѓорѓевиќ и Жоан Плаза.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА