Фенербахче го најави Елиф Елмас како суперзасилување, но проблемите со добивањето зелено светло за настап (дури во јануари) придонесоа македонскиот ас да не се адаптира најдобро во новата средина. Малата минутажа доведе до намалување на самодовербата кај Елмас, самиот фудбалер бара да му биде дозволено да замине во друг клуб каде повеќе би играл, а Фенербахче реши да му излезе во пресрет на нашиот интернационалец.
Како што јавува турскиот весник „Фанатик“, раководството на Фенер веќе донело одлука за иднината на Елмас, на чии услуги тренерот Кочоман нема сериозно да смета ниту во наредната сезона. Поради ова, Фенербахче е подготвен да го испрати Елмас на позајмица на една или две сезони, се со цел тој со играње на поголем број на натпревари да продолжи да се развива на фудбалски план. Понуди веќе испратиле неколку турски прволигаши, но добиле негативен одговор бидејќи планот на Фенер е Елмас да си замине од Турција и кариерата да ја продолжи во друга држава.
За 18-годишниот Елмас во изминатиот период се интересираа Лион и Борусија Дортмунд, клубови кои се подготвени да го доведат Македонецот и на позајмица, за потоа доколку се докаже да преговараат со Фенербахче околу висината на отштета за целосно откупивање на неговиот договор со турскиот гигант.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА