Кошаркарите на Фенербахче успеаја да ја совладаат екипата на Виртус Болоња со 66-64 во рамки од 13. коло во Евролигата. Иако турскиот тим влезе во мечот како фаворит, сепак, на крајот мораше добро да се намачи за да запише триумф.
Од самиот почеток мечот беше во „егал“, па двата тима се менуваа во водство. Во последната четвртина вистинска драма, а на крајот пресуди поголемата концентрација на домашните кошаркари во последната четвртина, и пред се одличната партија во тој период на Вејд Болдвин, кој го предводеше домашниот тим до победа. Токму Болдвин беше најефикасен со 18 поени.
Реал Мадрид исто така добро се намачи за да дојде до победа над Хапоел на гостувањето во Бугарија. На овој меч беше уште понеизвесно отколку на дуелот во Истанбул, па така на крајот „кралевите“ славеа со „пола кош“ односно 74-75. Реал Мадрид имаше предност се до средината на третиот период, кога во еден миг Хапоел го презеде водството. Драматично беше во последниот период во кој двата тима се менуваат во водство. На крајот шпанскиот тим успеа да дојде до +4 (71-75), а домашните само со три поени да намалат и да го ублажат овој пораз. Хезоња со 19 поени беше најефикасен на средбата.
Немаше толкава драма во Каунас, каде Жалгирис со 82-67 го совлада составот на Басконија, и тоа благодарение на одличната игра на домашните кошаркари во последниот период. И покрај тоа што влегоа гостите со предност од три поени пред последната делница, сепак, со две добри серии Литванците брзо се одлепија, и го решија прашањето околу победникот. Франциско со 23 поени беше најефикасен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

