Фенербахче царуваше во Барселона

Фенербахче уште еднаш демонстрираше зошто важи за еден од најдобрите кошаркарски тимови во Европа откако вечерва во голем стил на гостински терен ја декласираше Барселона со резултат 65-84. Тренерот Обрадовиќ на овој меч не можеше да смета на Слукас, но тоа не му пречеше на турскиот првак да доминира цел натпревар, поголемиот дел од мечот да го мине во двоцифрена позитива и да стигне до деветтата победа во десеттиот меч сезонава, за делба на првото место на табелата со ЦСКА Москва.

Диксон постигна 16, а Гудуриќ 13 поени за турскиот гигант, додека единствена светла точка кај Барселона беше Ханда, кој реализираше 16 поени.

Олимпијакос очекувано лесно стигна до бодовите на домашниот натпревар со Будуќност, декласирајќи го првакот на АБА-лигата со 92-70. Ледеј беше незадржлив во таборот на Олимпијакос со 28 поени, додека прв стрелец на Будуќност беше Ерл Кларк со 15 поени.

Химки и без помошта на Швед славеше пред своите гледачи против Панатинаикос со 76-68. Рускиот тим одигра одлична одбрана во второто полувреме, во кое гостите од Атина за 20 минути игра постигнаа само 24 поени. Извонредно беше запрен Калатес, кој постигна само два поени, а најефикасен кај Химки беше Гил со 21 поен.

Анадолу Ефес стигна до значајни бодови триумфирајќи над Басконија со 96-85. Шест домашни кошаркари имаа двоцифрен ефект на оваа средба, а најефикасни беа Мициќ и Ботум со по 16 поени.

Се вчитува...