Екипата на Фени индустри и покрај финансиските проблеми со кои се соочува, денес ќе го одигра првенствениот натпревар против актуелниот македонски шампион МЗТ Скопје. Управата ги повикува сите љубители на кошарката да го поддржат тимот од Кавадарци во овие тешки моменти со кои се справува двократниот национален првак. Средбата е закажана во 17:00 часот, а ќе се игра во салата „Јасмин“ во Кавадарци.
„Бевте со нас од самите почетоци, од моментите кога започнавме од второлигашкото друштво, кога со многу ентузијазам и желба влеговме во приказната која се надеваме дека е далеку од својот крај. Доаѓавте на тренинзите, на натпреварите, бодрејќи не од трибините, не дружевте секогаш, не прифативте како дел од Вас. Бевте со нас кога влеговме во прволигашкото друштво, кога ја освоивме првата титула во Купот, па во првенството, кога го покоривме Балканот, се уште единствена титула за македонски спортски колектив од меѓународно натпреварување, кога Кавадарци беше центарот на македонската кошарка. Веруваме дека и вечерва и во недела ќе бидете со нас, и во миговите кога ни е најтешко, ќе бидете со клубот кој му ги донесе најголемите радости на кавадаречкиот спорт во последната деценија. Луѓето велат дека кога е најтешко дознавате кој навистина Ве сака. Да му покажеме на сите дека Кавадарци ја сака кошарката, дека заслужува да има врвна кошарка и спорт. Дојдете вечерва во „Јасмин“ и без разлика на резултатот, аплаудирајте им на момците кои решија да ја бранат честа на клубот и градот“, стои во соопштението на Фени, објавено на нивната „фејсбук“ фан страница.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА