Фени три четвртини парираше, МЗТ на крајот славеше

МЗТ Скопје забележа победа од 82-75 над Фени индустри во последниот натпревар од 18. коло во првата кошаркарска лига на Македонија. „Металците“ наидоа на неочекувано силен отпорот од гостите од Кавадарци, кои три четвртини одлично парираа, но сепак немаа сили за сензација на гостувањето против актуелниот шампион.

Првото полувреме донесе израмнета игра, во која Пајиќ го предводеше Фени во „егал“ пресметка со аеродромци, па на одмор се замина со водство на шампионот од само три поени разлика (49-46). МЗТ во третиот период стигна до „плус девет“ (56-47), но кавадарчани успеаја да се вратат и со тројката на Јане Петровски намалија на 63-60, резултат со кој се влезе во третата четвртина. Мора да се потенцира дека Фени во првите 30 минути игра погоди 12 тројки со 52% успешност, а откако овој процент почна да опаѓа, така исчезнаа и шансите на тимот на Малинков за изненадување во СЦ „Јане Сандански“.

Во првите осум минути од последната четвртина Фени индустри постигна само шест поени, шампионот го искористи тоа за да дојде до петнаесет поени предност (81-66), за по завршната серија на Фени, на крајот овој натпревар да заврши со конечни 82-75. Победата е добра за МЗТ за враќање на самодовербата по шокантниот пораз во Гостивар, но прикажаната игра дефинитивно мора да се корегира пред дербито со Работнички што на програмата е в сабота.

Дамјан Стојановски со 19 поени и осум скока беше прв играч на МЗТ Скопје при денешниот триумф, пред Лалиќ со 17 поени. Кај Фени индустри најдобри стрелци беа Вокер со 23 и Пајиќ со 18 поени.

 

Се вчитува...