Феникс 2010 стигна до втората победа во сезоната откако славеше на домашен терен против Академија ФМП со 79-62. „Виолетово-жолтите“ го натскокаа противникот (51-31), а поените од втора шанса (23-4) им донесоа предност која “академиците” не успеаја да ја надоместат.
Домаќинките успеаја да го наметнат својот ритам од самото отварање на натпреварот. Добрата одбрана на Феникс 2010 ги лимитираше поените во рекетот, а „виолетово-жолтите“ одговорија одлично во противничкиот рекет каде стигнаа и до поени од втора шанса па поведоа со 13-6. Тајм-аутот на Божиновски ги консолидираше редовите на Академија ФМП која ја зголеми агресивноста во одбраната, најде решение преку транзиција и ја врати резултатската неизвесност за 21-20 по 10. минути игра. Во неефикасната втора четвртина двата тима долго се мачеа да го најдат напаѓачкиот ритам, а одговорот на Феникс 2010 следеше преку Фалден и Трајковски кои со две тројки во низа го разбија мразот. “Академиците” одговорија преку Василевски, но по тројката на Митревски во последниот напад на семафорот стоеше резултат 37-33.
Отварањето на второто полувреме повторно беше во знакот на Феникс 2010 кој одигра одлично на двата дела од теренот. Добрата одбрана не дозволи лесни поени и го примора противникот на тешки обиди, „виолетово-жолтите“ ја кренаа и реализацијата во нападот па стигнаа и до двоцифрена предност (56-38). До крајот на третата четвртина Академија ФМП успеа да одговори во рекетот и преку високите играчи ја ублажи негативата на 59-46. Гостите заиграа агресивно во одбраната во последните 10 минути и успеаја да стигнат до поени од транзиција, но не успеаја да ја намалат негативата на едноцифрена бројка.
Бојан Трајковски со 19 поени и 11 скока беше прво име во таборот на победникот, додека кај поразените со 16 поени заврши Закари Овенс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

