Феникс до голема победа, Куманово е во огромна криза

Куманово се наоѓа во сериозна резултатска криза откако тимот на Марин Докузовски вечерва загуби од Феникс со резултат 86-84, трет пораз во низа на оваа екипа од стартот на оваа календарска година. Неколку дена откако во истата сала беа убедливо поразени од Маџари, кумановци повторно потфрлија, овојпат прокоцкувајќи „плус седум“ од храбриот тим на Феникс, кој покажа и квалитет и карактер, заслужено стигнувајќи до победата.

„Сино-белите“ подобро го отворија мечот, веќе во седмата минути преку Радукиќ стигнаа до првото двоцифрено водство (8-18), добивајќи ја четвртината со 19-28. Феникс воскресна со извонредна игра во втората четвртина во која избраниците на Дервишевиќ постигнаа 30 поени и го свртеа резултатот во своја полза, на одмор заминувајќи со 49-41. Кумановци се вратија во ритам, до крајот на третиот период повторно поведоа со 62-63, но Феникс покажа и квалитет и карактер.

Куманово имаше 78-82 на две минути до крајот, но домаќините предводени од Дајсон направија серија од 7-0 и го свртеа резултатот во своја полза, принудувајќи го Докузовски на тајмаут при 85-82 на 33 секунди до крајот. Гостите промашија две тројки за израмнување, по што Феникс тактички направи лична грешка врз Луковиќ по новиот офанзивен скок на српскиот центар. Луковиќ два пати беше прецизен, на спротивната страна Матјус погоди само едно од двете слободни фрлања, но кумановци ја загубија топката при последниот напад, што значеше и нивни трет пораз во низа од стартот на годинава.

Дајсон и Матјус постигнаа по 18 поени и беа најефикасни во овој триумф на Феникс, додека прв стрелец на гостите, воедно и на натпреварот беше Максим Митевски со 26 поени.

Се вчитува...