Феникс ја доби драмата со Тиквеш, прекината победничката серија на кавадарчани (фотогалерија)

Феникс славеше над Тиквеш со  112-103, во еден од најдраматичните натпревари сезонава во Првата лига во кој победникот беше решен по две продолженија. Кавадарчани беа на чекор на продолжување на победничката серија од стартот на годинава, но Феникс се врати од „минус 16“ и стигна до голема победа со која го прескокна Тиквеш на прволигашката табела.

Гостинските кошаркари ја најавија добрата партија со одличното издание во првата четвртина што Тиквеш ја доби со 14-26. Кавадарчани беа во плус од 16 поени во третата четвртина (47-63), но Феникс не се предаде и предводен од Тимоти дојде на еден поен негатива (78-79) на нешто повеќе од две минути до крајот. Домашниот тим имаше и шут за водство на една минута до крајот, Шепард промаши шут за тројка, како најава за драматичниот финиш. При 83-85 Хил промаши две слободни фрлања за Тиквеш, потоа Митревски возврати со иста мера на спротивната страна, но Феникс по уште две промашувања по офанзивни скокови сепак успеа да израмни со положувањето на Шепард на девет секунди до крајот.

Тиквеш го промаши последниот напад, по што беа одиграни уште пет минути по кои немаше победник, па истиот мораше да биде одреден и со второ продолжение. Во него, кавадарчани имаа „плус четири“, но Тимоти даде две тројки во серија, во клучен момент погоди и Стојковиќ, по што домаќините се одлепија и на крајот триумфираа со конечните 112-103.

Андреј Митревски беше прв играч во победничкиот тим со 26 поени, 7 скока, три асистенции и три украдени топки. Шепард постигна 20, а Марфи 19 поени за Феникс, додека најефикасни во таборот на Тиквеш беа Пантелиќ со 25 и Квери со 20 поени.

Се вчитува...