Феникс ја прекина лошата серија со победа над Гостивар

Кошаркарите на Феникс имаа успешен обид да стават крај на лошата серија на резултати. Со одлична завршица и со пресврт, на крајот успеаја да слават победа над Гостивар со 74-66.

Максимално израмнето одиграа двете екипи во првото полувреме. Освен во средишниот период од втората четвртина во кој по поентирањето на искусниот Димчевски , Феникс 2010 поведе со 25:21.

Но во само две минути, Гостивар направи серија од (9-2) за да го врати водството, односно да има позитива од (30:27), а потоа и највисоки (35:31). Но ништо повеќе од тоа затоа што егал беше резултатот по 20. одиграни минути (35:35).

Апсолутно исто се играше и по паузата, двете екипи се менуваа во водство, а тројката на Родес во самиот финиш на третиот дел „пресуди“ Гостивар да влезе со плус 3, (54:51), во оној последниот.

Имаа гостите и повисоко водство (58:52), кога се играше 33.минута. Но овој пат Митревски отвори серија за домашниот тим, од (9-0) за нова, сериозна промена на резултатот (61:58). А по новото поентирање на младиот бек, беше и повисоки (63:59), на нешто помалку од четири минути до крајот.

Тука се случи „кршењето“ на резултатот, па по тројката на Шепард, имаа 67-61, што на крајот беше клучот за победата.

Своето одлично издание Митревски го заокружи со реализација на 23. поени, плус пет скока и четири асистенции.

Се вчитува...