Македонската прволигашка кошарка од следната сезона ќе остане покуса за една легенда откако Бојан Трајковски по 22 години се одлучи да ги „закачи патиките“, означувајќи крај на една ера.
Крилниот центар кој дебитираше на прволигашката сцена во 2002 година во дресот на Балкан Стил во долгата кариера настапи и за Работнички, Фени Индустри, Торус, Лирија, Куманово, Карпош Соколи, МЗТ Скопје, Гостивар, Кожув и Пелистер, а се пензионира во дресот на Феникс 2010 кој го носеше во последните две и пол сезони каде што воедно имаше и огромно позитивно влијание за младиот скопски тим, предводејќи го и до најголемиот успех со пласман во финалето во Купот на Македонија.
На вчерашниот натпревар против Работнички во четвртфиналната серија од разигрувањето за титула петкратниот освојувач на Прва лига и шесткратниот освојувач на Купот на Македонија доби и посебен подарок – специјално изработена графика за долго паметење.
Покрај на прволигашката сцена во татковината, долгогодишниот репрезентативец на Македонија забележа и интернационални настапи натпреварувајќи се во Чешка за Чарни Слупс, на Косово за Сигал Приштина со која ја освои и шампионската титула и во Унгарија за Атомерому.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА