Феникс потклекна на домашен терен пред Кожув

Кожув експресно се врати на победнички патеки по домашниот пораз од Маџари во минатата рунда откако суперлигашот од Гевгелија славеше со 73-76 на гостувањето против Феникс во Скопје. Во меч со многу осцилации гостите доминираа во првата и во третата четвртина, што им беше сосема доволно за да стигнат до четвртата овосезонска победа.

Кожув доминираше во првиот период, во 10. минута гостите со тројката на Симиќ стигнаа до првото двоцифрено водство од 9-19, а нешто подоцна преку Пурвис ја завршија четвртината со 9-21. Феникс покажа карактер и не се предаде, домаќините одговорија со одлична игра во втората четвртина, во која не само што се вратија, туку и преку Дајсон го завршија полувремето со минимално водство од 38-37. Третиот период исто како и првиот мина во знакот на гостите кои го добија со 13-25, во последите десет минути влегувајќи со двоцифрени 51-62.

И повторно избраниците на тренерот Дервишевиќ покажаа квалитет кога од многумина беа отпишани, враќајќи се и влегувајќи во неизвесен финиш, поведувајќи преку Рахама со 67-66 на помалку од две минути до крајот. Бојчев беше херојот на Кожув со клучни поени кога се кршеше резултатот, по што Кузманов од линијата за слободни фрлања стави печат на победата, на крајот изразена со конечните 73-76.

Вашингтон имаше одлично деби и со дабл-дабл од 25 поени и 12 скокови беше најзаслужен за победата, 17 постигна Пурвис, додека кај Феникс прв стрелец беше Рахама со 19 поени.

Се вчитува...