Работнички е многу блиску до полуфиналето во плејофот откако најтрофејниот кошаркарски колектив славеше и на вториот домашен дуел со Феникс (100-94), за водство од 2-0 во серијата што се игра до три добиени средби. Слично како и на првиот меч, повторно „центарци“ имаа тешка задача да го скршат отпорот на скопскиот противник, но за среќа овојпат го имаа одличниот Трајс, кој погодуваше кога беше најважно и му ја донесе победата на својот тим.
Феникс има за што да жали по овој натпревар ако се знае дека избраниците на Дервишевиќ беа подобар противник во првото полувреме. Стартните десет минути Феникс ги доби со 24-29, а потоа фуриозно го стартуваше вториот период и со поените на Метјус во 14. минута поведе и со 14 поени предност (27-41). Работнички за момент се врати, но Феникс беше подобар тим во последните минути од првото полувреме и на одмор замина со двоцифрени 42-53.
Второто полувреме почна со две реализации на Трајс, со што американскиот плејмејкер го разбуди заспаниот фаворит. Предноста на гостите експресно се истопи, а „центарци“ ја завршија третата четвртина со двојно повеќе поени од противникот (36-18) и во последните десет минути влегоа со предност од 78-71. Работнички во 34. минута поведе и со „плус десет“ (88-78, 90-80), но Феникс не се предаде и на нешто повеќе од две минути до крајот намали на 90-89. Кога беше најважно одговорноста повторно ја презеде Трајс, Американецот погоди два шута кога беше најважно и му ја донесе победата на својот тим, на крајот изразена со конечните 100-94.
Димитрик Трајс со 32 поени и осум асистенции беше клучна фигура на овој натпревар, Рикиќ имаше дабл-дабл од 23 поени и 13 скокови, а Џелетовиќ стигна до 15 поени. Најефикасни во таборот на Феникс беа Рис со 30 и Метјус со 24 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА