Феноменален Петковски, ракометарите ја декласираа Турција, останува можноста за полуфинале на Медитеранските игри!

Македонската ракометна репрезентација ја декласираше Турција во четвртиот натпревар од Групата Б на Медитеранските игри во Алжир, со што остана во игра за полуфиналето на турнирот.

Македонија славеше против Турција со 31-22 по феноменалниот втор дел во кој не се остави никакви шанси на противникот.

Избраниците на Кире Лазаров одиграа извонредно второ полувреме кое донесе до убедливата победа, откако првиот дел го завршија со предност од само 13-12.

Беспрекорен во македонскиот табор беше Александар Петковски со 11 постигнати гола од 12 обиди, со по четири погодоци завршија Игор Ѓоргиев и Петар Атанасијевиќ, а по два гола запишаа Костески, Петров, Серафимов и Џонов.

Македонија, по оваа победа е втора во Групата Б, но утре ќе ја чека одлуката дали ќе игра во полуфиналето на Игрите. За пласман во полуфинале потребно е Шпанија да го совлада домаќинот Алжир најмалку со осум гола разлика.

Се вчитува...