Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа на извонреден начин ги почна квалификациите на УС Опен славејќи во првото коло против некогаш 26-та тенисерка во светот Американката Лорен Дејвис со 6-7,7-5,6-3.
Мечот почна со апсолутна доминација на американската тенисерка, која за помалку од 20 минути стигна до предност од убедливи 0-5. Ѓорческа токму тогаш го покажа својот карактер, не само што не се предаде, туку возврати со иста мера и набрзина стигна до 5-5. Сетот беше решен во тајбрејк, но Македонката слабо стартуваше, Дејвис дојде до рано водство од 0-6 и потоа славеше со 2-7.
Вториот сет беше сосема различен од првиот, двете тенисерки знаеја како да го сочуваат сервисот се до самиот крај. Лина се спаси од непријатна ситуација бранејќи две брејк-топки при 5-5, македонската тенисерка го освои сопствениот сервис за 6-5, а потоа ја искористи и првата сет-топка за 7-5 и израмнување на резултатот.
Во третиот сет комплетна доминација на нашата најдобра тенисерка. Извонредно одигра во првите сетови стигнувајќи до водство од 5-1. Во седмиот сет Дејвис успеа да дојде до брејк на сервис на Ѓорческа, но македонската тенисерка го доби следниот свој сервис за 6-3 и конечна победа од 2-1 во сетови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА