Феноменалниот Билик ја нокаутираше Чешка

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Домаќинот Австрија тргна триумфално во групата Б од европскиот шампионат откако во првиот меч од првото коло во „Штадхале“ ја совлада селекцијата на Чешка со резултат 32-29. Австријците беа предводени од феноменалниот Никола Билик, бекот на Кил постигна 12 гола со само едно промашување и заедно со вториот голман Ајхбергер беше најзаслужен за големиот триумф, со кој Австријците широко си ги отворија вратите кон следната рунда.

Натпреварот почна со две исклучувања на чешки ракометари во почетните пет минути, што беше искористено од страна на Австријците за да поведат со два гола разлика и да го контролираат резултатот. Мрква немаше свој ден на голот на Чешка, на голот на Чесите застана и Галија, по што во финишот од полувремето дојде до пресврт и на одмор се замина со негатива на домашната селекција од 13-14.

Бауер потфрли во првото полувреме, во вториот дел на голот на Австрија застана Томас Ајхбергер, по што домаќините веднаш направија пресврт и поведоа со најубедливи „плус три“ (18-15). Ситуацијата на теренот се промени откако Галија влезе во ритам на голот на Чесите, па во последните 15 минути се влезе со израмнети 22-22. Билик ја презеде одговорноста кога беше најважно, постигна уште два погодоци за вкупно 10 за неполни 50 минути игра, по што Вебер погоди за ново водство на Австрија од три гола (25-22). Чешка во неколку ситуации дојде до „минус еден“, но избраниците на Филип и Кубеш немаа сили за целосен камбек, па Австрија го доби овој меч со конечни 32-29.

Чешка во второто коло ќе се сретне со Македонија, додека Австрија за ривал ќе ја има селекцијата на Украина.

Се вчитува...