Феноменално реми на Шкупи на „Максимир“: Чаирчани со супер-резултат пред реваншот (ВИДЕО)

Македонскиот шампион Шкупи со феноменален резултат се враќа од гостувањето на „Максимир“ ремизирајќи (2-2) против големиот фаворит Динамо Загреб во првиот натпревар од 2. квалификациско коло во Лигата на шампионите.

Во исклучително драматичен меч, Шкупи до ремито дојде со мајсторскиот погодок во три потези на Реналдо Цефас во 89. минута откако претходно Динамо Загреб дојде до предност од 2-1 со голот на Петковиќ, а на аситенција на македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, во 86. минута.

Иако домашните отворено го почнаа мечот со офанзивен атак кон голот на Наумовски, вистински шок „модрите“ доживеаја во 25. минута. По извонредното проигрување од Фаустин пред голот на домашните одлично се снајде Куевен и погоди за водство на Шкупи од 0-1.

Динамо Загреб успеа да се извлече од негатива во самиот финиш на првиот дел, и тоа со голот на македонскиот репрезентативец Аријан Адеми кој во 44. минута, кој постигна ефектен гол со глава.

Тимот на Гоце Седлоски мудро го играше второто полувреме не дозволувајќи преголем број шанси на Хрватите, но Петковиќ во 86. минута на асистенција на Адеми го доведе Динамо Загреб до водство од 2-1.

Сепак, Шкупи да си замине непоразен од Загреб се погрижија фудбалерите на македонскиот шампион кои во три потези запишаа ефектен погодок преку Реналдо Цефас во 89. минута, откако лоша проценка имаше и домашниот голман Ливаковиќ.

Шкупи сега има резултат пред реваншот во Скопје на 26. јули, кој без сомнение носи сериозни шанси за пласман во следната квалификациска рунда од Лигата на шампионите.

Се вчитува...