Кога Манчестер јунајтед летото 2003 година плати 13 милиони евра на лисабонски Спортинг за Кристијано Роналдо, Португалецот стана најскапиот тинејџер во историјата на англискиот фудбал.
Тогашниот дефанзивец на Јунајтед, Рио Фердинанд во разговор за ФИФА 20 откри една анегдота од пријателскиот натпревар меѓу Спортинг и Јунајтед непосредно пред трансферот. По тој дуел Алекс Фергусон одлучил под итно да ја купи португалската сензација.
„Пропуштивме да го донесеме Роналдињо и во клубот се чувствуваше потиштеност во сите структури. Игравме против Спортинг, а Роналдо го чуваше Џон О’Шеј. На полувремето кутриот Џон не знаеше каде се наоѓа, беше толку задишан, ми се чини му требаше боца со кислород. Ми беше жал… Беше тоа некој луд настап на Роналдо. Веднаш сите видовме дека тој ќе биде најдобар фудбалер на светот“ – вели Фердинанд.
Роналдо во дресот на „црвените ѓаволи“ играше шест години пред во 2009 година да се пресели во Реал Мадрид. Освои три титули во Премиерлигата, ФА Куп и Лига на шампионите. За Јунајтед одигра 186 натпревари и постигна 84 гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

