Фердинанд: Роналдо го користи „хејтањето“ како „гориво“ за да биде убиствен фудбалер

Кристијано Роналдо игра одлично Европско првенство, а веќе  запиша пет погодоци во групната фаза, па неговата желба да го докаже и собори рекордот е поголема од кога било, барем таков е впечатокот што го остава досега.

Со два гола против Французите, Роналдо стигна до 109-от гол во дресот на португалската репрезентација, и се изедначи со Али Даи како најефикасен во историјата на националниот тим.

Секако има и такви кои сакаат да го намалат учинокот на Роналдо во групната фаза, бидејќи тој постигна три од петте гола од белата точка. Двапати успешно реализираше пенали против Франција и еднаш против Унгарија. Коментирајќи ги игрите на Роналдо на ЕП, Рио Фердинанд, неговиот поранешен соиграч од Манчестер Јунајтед, зборуваше за коментарите кои најмногу го „хранат“ големиот Португалец. Сето тоа има врска се разбира и со Лионел Меси.

По тој повод, Фердинанд му се обрати на Гери Линекер и му ја пренесе содржината на СМС пораката што еднаш ја доби од Роналдо.

„Роналдо е опсесивен да стане најдобар. Тој е феноменален фудбалер, но исто така и некој кој во секој момент од играта мисли дека мора да даде нешто од себе. Тој го користи ‘хејтањето’ како гориво. Ти (Линекер) рече дека Меси е подобар, а Роналдо ми испрати порака и ме прашува зошто ти го кажа тоа. Од натпреварувачка природа е да се биде најдобар, па го разбирам прашањето на Роналдо. Кристијано ги користи негативните коментари како мотивација, а тоа го прави убиствен фудбалер”, рече Фердинанд.

Иако Меси и Роналдо се високо ценети и зборуваат најдобро едни за други, многу е јасно дека меѓу нив постои големо ривалство без оглед на тоа што Португалецот го напушти Реал и замина во Јувентус.

Се вчитува...