Фергусон: Доаѓањето на Роналдо во Манчестер е исто како и враќањето на Цезар во Рим!

Легендарниот менаџер на Манчестер Јунајтед, Алекс Фергусон, зборуваше за тоа што значи враќањето на Кристијано Роналдо во славниот тим, споредувајќи го со позната историска личност, а зборуваше и за деновите на Роналдо за време на неговиот прв престој во Манчестер.

За време на првиот мандат на Роналдо на „Олд Трафорд“ (од 2003 до 2009 година), менаџер на „црвените ѓаволи“ беше сер Алекс.

„Фантастично е што се врати. Го видовте на првите натпревари … се однесуваше како Гај Јулиј Цезар што се врати во Рим по воената победа. ‘Дојдов, видов, победив’. Мислам дека можеше да има милион луѓе на стадионот на денот на неговото второ деби во Јунајтед. Многумина останаа надвор. Кога дојде во Јунајтед како дете, мораше да научи многу, а сега е поинаку. Кога беше млад, многумина рекоа дека сака да симулира прекршоци, но тој беше многу слаб и навистина му требаше мал контакт за да ја изгуби рамнотежата бидејќи напаѓаше со неверојатна брзина. Знам колку се жртвуваше за да напредува. Се сеќавам на едно време кога го поканив во мојата канцеларија по тренингот – врнеше дожд пред дуелот со Арсенал и знаев дека ќе остане дополнително да работи. Му реков да не тренира бидејќи е лизгав и може да се повреди. Седнав во фотелја, погледнав низ прозорецот, а тој беше на трим патеката, желен за работа и тешки тренинзи“, изјави Фергусон.

Некогашниот менаџер на Јунајтед се присети и на моментите кога Роналдо одлучи да си замине од островот, па потенцираше дека дозволил без преголеми убедувања Португалецот да замине во тимот од неговото детство.

„Што би можел да му кажам? Кога замина, не можев да му кажам ништо – знаев дека сонувал да игра за Реал Мадрид уште од мало момче во Мадеира. Бев свесен дека ќе стане она што стана. Мислам дека ја направивме таа трансакција на добар начин и имавме доволно време да најдеме соодветна замена“, рече 79-годишниот пензиониран тренер, кој го водеше Јунајтед од 1986 до 2013 година.

Се вчитува...