Една од најголемите легенди на тетовска Шкендија, популарниот „Буба“, денеска на емотивен начин преку официјална објава на социјалните мрежи на свои 34 години објави крај на кариерата.
Хасани е дете на црвено-црните од Тетово кој секогаш знаел да ја покаже лојалноста кон клубот, одбивајќи неколку понуди од други клубови за Шкендија секогаш да остане единствен македонски прволигаш чии бои тој ги има брането на домашната фудбалска сцена. Хасани е производ на младинската школа на Шкендија, уште на 17-годишна возраст дебитирајќи за првиот тим, а во 2011, на само 21-годишна возраст беше избран за најдобар фудбалер во Првата лига.
Следеа понуди од Хајдук, Волфсбург и Гронинген, но остана лојален решавајќи се да продолжи да го носи дресот на Шкендија. За жал, неколку месеци подоцна заработи тешка повреда и подолг период беше надвор од терените. По камбекот постигна пет гола и осум асистенција, пред во декември 2011 да потпише за Волфсбург на чија клупа беше Феликс Магат.
Во септември 2012 дебитира за Волфсбург против Мајнц, но Ферхан не добива премногу шанси во германскиот клуб, поради што решава да си замине. Иако имаше понуда да остане во Германија како член на Динамо Дрезден, тој избира да се пресели во Данска и да го облече дресот на Брондби во трансфер вреден 260.000 евра според данските медиуми. И, не греши.
Дебитираше со гол на мечот против Оденсе во октомври 2013, остана во Брондби уште една сезона, помагајќи тимот да стигне до третото место во данското првенство. Во 2015 се враќа назад во Шкендија, наметнувајќи се како еден од најдобрите фудбалери во лигата. Во 2017/18 ја предводеше Шкендија до двојната круна, со 22 гола и 15 асистенции на вкупно 28 одиграни натпревари.
Потоа се сели во Саудиска Арабија, прифаќајќи ја богатата понуда на Ал Рајед, каде минува една година, по што следи трансфер во фински Хелсинки, потоа и во Партизани од Тирана. Во сезоната 2022/23 се враќа назад во Шкендија, но една година подоцна ги напушта тетовци и потпишува за Хелсингор во Данска.
За младинската репрезентација на Македонија во 2010, а истата година дебитира и за сениорскиот национален тим, на дуелот со Кина (пораз од 1-0). Во репрезентативната кариера има 43 натпревари за Македонија, притоа постигнувајќи два погодоци, првиот во поразот од Луксембург во 2012 година, а вториот на дуелот со Италија во Скопје во 2016, кога Буба стрелаше прецизно за водство од 2-1, но нашата национална селекција на крајот за жал го загуби натпреварот со 2-3.
ФЕРХАН ХАСАНИ (1990)
КАРИЕРА: Шкендија (младински категории), Шкендија (2010-2012), Волфсбург (2012-2013), Брондби (2013-2015), Шкендија (2015-2018), Ал Раед (2018-2019), Хелсинки (2020), Партизани Тирана (2021), Шкендија (2022-23), Хелсингор (2023-24).
УСПЕСИ: Двократен шампион на Македонија со Шкендија (2011, 2018); Двократен освојувач на Купот на Македонија со Шкендија (2016, 2018); Освојувач на Супер-купот на Македонија (2011); Шампион на Финска со Хелсинки (2020); Освојувач на Купот на Финска со Хелсинки (2020).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА