Фернандо Алонсо ја вози последната трка во Ф1 и доби изненадување во Абу Даби

Фернандо Алонсо во недела во Абу Даби ќе ја вози последната трка во Формула 1. Двојниот светски шампион остави посебен белег во Ф1 во изминатите речиси две децении и последната трка од годинашниот шампионат ќе биде во негова чест.

Шпанецот го чекаше изненадување уште пред трката во собата за возачите во која на ѕидовите се испишани пораки со благодарност за неговиот придонес во Ф1.

Специјално испраќање Алонсо ќе добие и од тимот на Мекларен кој го обои болидот во сина, жолта и црвена боја кои се боите на неговата родна Астурија во северна Шпанија.

„Горди сме што на оваа трка во Абу Даби ќе ги носиме овие бои во чест на Алонсо. Сакаме тој да се чувствува посебно на негивата последна гран-при трка и ова е само еден од начините на кои би можеле да му го покажеме тоа. Заедно со ФИА ги направивме овие промени за трката во Абу Даби и од сите добивме поддршка“ – изјави извршниот директор на Мекларен, Зек Браун.

Мекларен специјално ја смени бојата на својот болид и во 1986 година на трката за ГН на Португалија кога го обија болидот во жолто во чест на Кеке Розберг.

Со она што го остава зад себе во Формула 1, Фернандо Алосно ја заслужи честа. Во својата 18-годишна кариера во Формула 1 Шпанецот освои две шампионски титули, извози 311 трки и запиша 32 победи.

 

Се вчитува...