Ферстајнен не можеше сам: Прва радост за Словенија во главната рунда од ЕП

Репрезентацијата на Словенија тримфираше над Холандија со 37-34 за прва радост на избраниците на Урош Зорман во главната фаза од ЕП 2024. Словенците пренесоа два бода откако беа максимални во првата фаза, но во претходните две рунди загубија од Шведска и од Португалија. Сепак, Зорман успеа да го извлече максимумот од својата селекција, на крајот радувајќи се на победата.

Холанѓаните имаат за што да жалат бидејќи не го искористија извонредното издание на Нилс Ферстајнен, одличниот бек кој постигна неверојатни 15 погодоци со само две промашувања, но и тоа беше недоволно за „лалињата“ да стигнат до позитивен резултат на овој меч.

Како клучни се покажаа последните десетина минути од првото полувреме што Словенија ги одигра маестрално и успеа да се одлепи, на одмор заминувајќи со 19-13. Холандија се разбуди, проработеа и голманите на оваа селекција, Ферстајнен влезе во нова серија голови, но разликата беше спуштена само на два гола, Словенците секогаш имаа одговор кога беше најважно и на крајот заслужено стигнаа до победата.

Ферлин имаше 12 одбрани на голот на Словенија, најефикасни во победничката селекција беа Хорзен и Маргуч со по шест погодоци, додека Ферстајнен беше убедливо најдобар поединец на мечот со 15 гола за Холандија.

Се вчитува...