Макс Ферстапен не го криеше задоволството откако ја продолжи серијата извонредни резултати со триумф на денешната трка во Лас Вегас прва во историјата што се возеше низ улиците на овој американски град.
Новите трки вообичаено знаат да донесат проблеми за возачите, но Ферстапен одговори на предизвикот, успевајќи да стигне до победата и покрај казната поради инцидентот со Леклер на самиот старт.
„Ова беше тешка трка, но исто така и беше многу забавно да се вози низ Лас Вегас. ДРС системот овде е многу силен, па дури и кога ќе дојдете во водство, оној зад вас има можност да ве нападне во ДРС-зоните. Сето тоа донесе да имаме извонредна трка, беше многу забавно и се надевам на уште многу вакви изданија во иднина“, изјави Ферстапен, за кого ова беше 18. победа оваа сезона.
Холандскиот возач сега има 53 победи во кариерата, со што се израмни со Себастијан Фетел на третото место на вечната листа, зад Хамилтон и Шумахер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА