Следниот викенд на програмата е Големата награда на Азербејџан, а таму ќе се вози првата од шесте планирани спринтерски трки во сезоната.
Годинава ги има двојно повеќе од лани, што предизвикува сериозни поделби во светот на најбрзиот караван. Додека едни се за продолжување со нив, други се жестоко против нив.
Пред две години, челниците на натпреварувањето воведоа спринтерски трки на далечина од 100 километри, кои се возат во сабота, додека квалификациите беа поместени за ден претходно.
На овој начин тие сакаа да му дадат посилна конкурентска предност на викендот наместо стандарден тренинг.
Меѓу оние кои жестоко се противат на спринтерските трки е и светскиот шампион Макс Ферстапен.
„Воопшто не сум поддржувач на тие трки. Кога ги правиме тие работи, викендот станува премногу напнат, бидејќи и онака имаме многу трки. Се надевам дека нема да има премногу промени или во спротивно нема да останете во овој спорт предолго“, се закани Ферстапен дека наскоро би можел да се повлече.
За разлика од Ферстапен, седумкратниот светски шампион, Британецот Луис Хамилтон, има сосема поинакво мислење за спринтерските трки.
„Мислам дека треба постојано да еволуираме и да прегледуваме се што правиме. Конкретно ми се допаѓаат спринтерските викенди и би сакал да имам повеќе квалификации бидејќи тоа би било супер интересно. Мислам дека мора да биде поинаку. Ако имате трки каде што е невозможно да се претекне, како во Монако, што можеме да направиме за да ја направиме трката повозбудлива?“, изјави Хамилтон
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА