Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, ја освои пол-позицијата во пресрет на третата спринт трка во сезоната, која се вози како дел од Големата награда на Австрија.
Трикратниот светски шампион го доби најдоброто стартно место со круг од 1:04.686 минути, со нешто помалку од една десетинка предност пред Ландо Норис во Мекларен. Третото време го држеше вториот возач на Мекларен, Оскар Пјастри, кој заостана две десетинки зад својот тимски колега.
Покрај рутинската пол-позиција на Ферстапен, квалификациите за спринтот во Спилберг ги одбележа и фактот што возачот на Ферари, Шарл Леклер, не започна ниту брз круг во последната делница.
Сите возачи ги чекаа последните три минути за да излезат на патеката во борбата за пол-позицијата, а токму кога Леклер излезе од боксот, неговиот болид застана. Монтежанецот успеа да го стартува, но задоцни да ја мине целта, па ќе мора да стартува од 10. позиција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА