Макс Ферстапен уште повеќе се зацврсти на чело на генералниот пласман во Формула 1 шампионатот откако актуелниот првак славеше и на денешната трка за ГН на Франција. Возачот на Ред Бул максимално го искористи подарокот од Шарл Леклер, кој излета од патеката, по што Ферстапен не им дозволи на ривалите ниту за момент да се понадеваат дека би можеле да му ги замрсат сметките на патот до триумфот.
Леклер одлично се снајде на стартот, одолевајќи на обидите на Ферстапен уште во првите кругови да му го одземе лидерското место. Хамилтон исто така одлично стартуваше, успевајќи да го мине Перез и веќе по првиот свиок да стигне до третата позиција. Трката делуваше релативно мирно се до неочекуваното излетување на Леклер, откако асот на Ферари загуби контрола над болидот и заврши во заштитната ограда.
Додека се наоѓаше сигурносно возило на патеката речиси сите возачи се решија да ги променат гумите, Ферстапен ја задржа предноста пред Хамилтон, што потоа ја претвори во удобна временска позитива и нова победа.
Хамилтон на крајот мораше да се задоволи само со втората позиција, пред тимскиот колега Џорџ Расел, кој до место на подиумот стигна по одличниот маневар и претркувањето на Серхио Перез на три круга до крајот. Одлично возење имаше и Карлос Саинц, откако вториот возач на Ферари стигна до петтата позиција иако ја стартуваше трката од последното место.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА