Ферстапен: „Останувам во Ред Бул до крајот на договорот!“

Четирикратниот светски шампион во Формула 1, Макс Ферстапен, изјави дека не размислува за промена на тимот и дека има намера да остане во Ред Бул до истекот на неговиот договор во 2028 година, со што завршија годините шпекулации за заминување.

Во интервју за швајцарски „Блик“, Макс Ферстапен јасно изјави дека нема намера предвреме да го напушти Ред Бул, и покрај гласините што беа особено изразени во текот на првата половина од сезоната 2025, кога често се споменуваше неговиот можен трансфер во Мерцедес.

Холанѓанецот истакна дека не успеал да ја активира клаузулата за предвремено раскинување на договорот и дека сигурно ќе вози за Ред Бул во сезоната 2026, но и потоа.

„Имам 28 години и имам договор до крајот на 2028 година. Сакам да го исполнам. Во оваа фаза целосно ја отфрлам можноста за промена на тимот“, рече Ферстапен.

Тој додаде и дека ќе му недостига Хелмут Марко, неговиот долгогодишен ментор, кој повеќе нема да ја има истата улога во тимот.

„Штета што нема да го имам Хелмут покрај мене, ќе ми недостига“, призна Холанѓанецот.

Ферстапен се осврна и на силниот камбек на Ред Бул во вториот дел од сезоната 2025.

„Горд сум затоа што никој не веруваше дека можеме да се вратиме по сè што се случи во тимот. Пред последниот спринт бев 104 поени зад лидерот“, рече Ферстапен, кој ја заврши сезоната само два поени зад шампионот Ландо Норис.

Се вчитува...